Skip to main content

Младите бараат носителите на одлуки да преземат конкретни мерки за климатските промени

Климатските промени се една од најголемите закани со која се соочуваат децата и младите во светот. Индексот на УНИЦЕФ на климатски ризик за децата открива дека 1 милијарда деца се во „екстремно висок ризик“ од влијанијата на климатските промени. Тоа се речиси половина од сите деца. Децата го носат најголемиот товар на климатските промени и мора неодложно да дејствуваме за да обезбедиме децата на денешницата да наследат планета поволна за живот.

Ние ги претставуваме младите луѓе на Северна Македонија. Преку неколку консултативни иницијативи, како што се „Младинско учество за климатска акција и поамбициозни национално утврдени придонеси“Преосмисли ја иднината” и “U-report”го слушнавме гласот на илјадници млади луѓе од целата земја.

Затоа ги повикуваме нашите јавни и приватни институции да преземат акција во врска со следното:

Да се овозможи младите луѓе да бидат двигатели на решенијата

Бараме да се чуе нашиот глас кога се донесуваат одлуките во нашето училиште, општина и Влада. Сакаме отворени и транспарентни јавни и приватни институции коишто ќе создадат простор за конструктивно влијание врз политичките одлуки во нашата земја на секое ниво.

Преосмислување на економскиот модел

Бараме релевантните јавни и приватни институции да го преосмислат економскиот модел и да изнајдат начини да се поттикнат индустриите да работат одржливо, да се сведе на минимум експлоатацијата на природните ресурси и да се создаваат зелени работни места. Бараме да се искористи креативниот потенцијал на младите луѓе за да се создаде поправичен и зелен економски модел којшто е во полза на животот, еколошката одржливост и социјалната добросостојба.

Промоција на поправка и подолг век на траење на производите

Исцрпувањето на ресурсите и потрошувачката на материјалите се едни од главните причини за еколошката деградација. Бараме производите да имаат подолг век на траење и систем којшто поттикнува поправка и повторна употреба и циркуларност за да се намали притисокот врз природата и да се намали отпадот на депониите.

Поттикнување на енергетски задруги

Бараме јавните и приватните институции да поттикнуваат децентрализирано производство на енергија и да се фокусираат на создавање поволна околина за обновливи извори на енергија, особено на соларна енергија. Преку охрабрување на младите луѓе да формираат енергетски задруги ќе им се даде можност да се стекнат со економски придобивки и воедно да придонесат кон справување со климатската криза.

Образование за климатските промени со искуствено учење

Бараме попрактични и забавни активности во коишто ќе учествуваме во рамките на нашиот образовен систем и коишто ќе ни помогнат да ги разбереме и да се справиме со причините и влијанијата од климатските промени. Бараме учењето да биде поискуствено и интерактивно за да нѐ зајакне во однос на нашето знаење, вештини, вредности и ставови, коишто пак се неопходни за да дејствуваме како агенти за промена.

Ние, младите луѓе, повикуваме на меѓународна солидарност и на раководење со јавните и приватните институции коешто ќе служи за пример во Северна Македонија. Немаме време за губење. Иднината на сите нас е поврзана, а планетата ни припаѓа на сите нас.

Ние, младите луѓе, сме посветени и подготвени да дејствуваме неодложно и храбро. Приклучете ни се!

Младинската декларација за климатски промени е усвоена во рамките на Младинскиот самит за климатски промени на 20 октомври 2021.

Превземено од: unicef.org