Skip to main content
Најновиот извештај на ЕУ за земјата сериозно забележува за недостигот на имплементација на новата и постоечка регулатива во поглавјето 27 – животна средина и клима. Тоа и недостигот на меѓусекторска соработка и координација стојат како проблеми кои оневозможуваат напредок во ова поглавје.

Транспорт
Доцнењето со развојот на акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспорт 2018-2030, како и сериозно слабите оперативни и административни капацитети за сите типови транспорт, се и ќе продолжат да бидат сериозен проблем за правилно спроведување на Зелената агенда во секторот транспорт. Напредокот е најслаб во усогласување со европското законодавство за железницата и за комбиниран транспорт, елементи што се круцијални за развојот на чист и одржлив транспортен сектор.

Енергија
Земјата носи амбициозни политики и планови во секторот енергија, меѓутоа како што е наведено и во извештајот, недостатокот на високо квалификуван персонал способен да ги спроведе сите овие нови стратегии, планови и закони значи дека имплементацијата ќе доцни или нема да се случи.
Во делот за обновливи извори, извештајот препорачува да се преиспита одлуката на Владата да ги задржи повластените тарифи за малите хидроцентрали затоа што или не им се потребни субвенции, или прават висока штета врз животната средина. Исто така препорачува да се отстранат лимитите за максимален инсталиран капацитет на другите технологии за да се забрза нивниот развој. Во делот за производители-потрошувачи е нагласено дека има преголем број административни пречки што ги одвраќаат граѓаните и го забавува спроведувањето.

Воздух
Загадувањето на воздухот во големите градови останува сериозен проблем. Извештајот повторно ги нагласува слабото спроведување, недоволната алокација на ресурси, и слабата интерсекторска соработка помеѓу централната и локалната власт како главни причини за слабиот напредок во овој сектор. Подобрата соработка и зголемувањето на финансиите посветени за мерки против загадувањето на воздухот се меѓу трите најважни препораки во целото поглавје 27 за животна средина.

Природа
Секторот природа бележи голем број на успешни национални и меѓународни процеси за прогласување на нови подрачја (Шар планина како национален парк, Охрид и Студенчишко блато како нови Рамсар подрачја, Длабока река како светско наследство во УНЕСКО ) и промени во законодавството кое е на праг на усвојување. Акцентот во извештајот е ставен на потребите да се забрза ре-прогласувањето на НП Маврово за национален парк, да се создаде систем за мониторинг на балканскиот рис како прв чекор кон неговата заштита и да се обезбеди државно финансирање за заштитените подрачја.

Вода
Една од клучните забелешки во секторот води е отсуство на плановите за управување со речните сливови и нивната имплементација. Поради ова сме сведоци на бројни штети врз речните екосистеми како резултат на издавање на неплански концесии.И тука главна забелешка е недостигот од меѓусекторска соработка помеѓу институциите во овој сектор.

Клима
Во моментот нашата земја носи климатски политики со висока амбиција која е во насока на остварување на зацртаните климатски цели во ЕУ, меѓутоа најголема забелешка во извештајот е минимална имплементација на Парискиот договор. Оваа забелешка најмногу се однесува на игнорирање на одредбите од Парискиот договор кои се однесуваат на внесување на климата во националното право како би се создала правна рамка за имплементација на ветените амбициозни цели со стратегијата за климатска акција и со ревидираните национални придонеси. Земјата сеуште нема закон за климатска акција кој треба да ја обезбеди институционалната и правна рамка за превземање активности. Потребно е сериозно разбирање на Парискиот договор како и Текстовите од Катовице за имплементација на договорот и внесување на климата во сите релевантни сектори.

 

Превземено од: ekosvest.com.mk